Јапонскиот производител Toyota во рамките на саемот за комерцијални возила кој на крајот на месецот ќе се одржи во Бирмиген (Англија) ќе ја претстави третата генерација од ProAce City.
Благодарение на димензијата, оваа нова генерација се одликува со одлична носивост и волумен од 3.3 метри кубни кај основниот, краток модел додека кај подолгиот (Smart Cargo) волуменот се зголемува за еден метар кубен.
Во однос на моторите, во понудата ќе бидат задржани моторите од актуелната генерација. Тоа значи дека во понудата ќе се наоѓаат само три дизелски агрегати и тоа со 1.5, 1.6 и 2.0 литарски дизелски мотор со моќност од 102 КС до 177 КС, во зависност од верзијата.
Покрај одличната просторност во просторот за пренесување, овој модел има и одличан ергономија во кабината, која пак е инспирирана во целост од дизајнерската филозофија што PSA Групацијата ја применува кај Citroen моделите. Централно место зазема екранот осетлив на допир кој овозможува интеграција со Android и Apple паметни уреди, а тука се и безжичниот полнач, електричната паркинг сопирачка, задната камера, сензорите за паркирање и бројна друга опрема.
Ова лесно комерцијално возило Toyota го произведува заедно со PSA Групацијата, па оттука екстериерно и ентериерно е идентичен како и Peugeot Expert и Citroen Jumpy. Првата генерација од овој модел Toyota го претстави во 2013 година, а три години подоцна и актуелната втора генерација.
Производството и продажбата на новата трета генерација ќе започне во втората половина од годината, а производството ќе се одвива Валенсиен (Франција). Цената останува непознаница.