More
    HomeВестиМакедонците се вратија дома - заврши светскиот собир на Спачеци во Хрватска

    Македонците се вратија дома – заврши светскиот собир на Спачеци во Хрватска

    Во одлична атмосфера како и првиот ден, заврши 23. Светски собир на Спачеци и љубители на Citroen автомобилите кој изминатата недела се одржа во Самобор, близу Загреб.

    И овој собир како и претходните не помина без македонските љубители на популарниот Спачек и останатите деривати на Спачек.

    Предводник на македонската делегација беше Марјан Мијовски заедно со сопругата Вангелија и синчето Марко. Токму Марко беше и најмладиот учесник на собирот со 1 година и 2 месеци.

    900-тината километри сосема успешно ги поминаа со популарната Дијана 6 од 1982 година која е добро позната низ скопските улици. Благодарение на македонското знаме на покривот и комбинацијата на црвено-жолта боја, овој автомобил и во Хрватска остави далеку позитивни впечатоци и импресии на настанот.

    На настанот присуствуваа и Љупчо Поповски и Методија Антовски со реткиот 2cv AK-350 Furgon како и Љупчо Унковски и Ристе Велигденов со неговиот Спачек од 1975 година.

    На овој собир кој е еден од најмасовните за автомобили учествуваа над 3 илјади Спачек и други Citroen автомобили од повеќе од 30 земји од целиот Свет вклучувајќи од Норвешка, САД, Мароко, Брегот на Слоновата Коска, Египет, Турција, Австралија, Португалија, Бразил… При тоа учество земаа повеќе од 10 илјади лица кои со својата насмевка и позитивност го красеа секој дел од кампот, но и Самобор.

    Сите шест дена поминаа со богата програма, а организаторот 2CV клубот од Самобор во ниту еден момент не потфрли. Бројни дружби, дневни и вечерни забави со рок групи, натпреварувања, изложби… Сето тоа зачинето со хрватско пиво, музика и илјадници импресивни автомобили кои оставаа воздишки кај сите учесници и посетители.

    Голема причина за славје имаа словенечките претставници. Тие ја добија организацијата за јубилејниот 25. собир кој ќе се одржи во 2023 година, а на гласањето тие успеаја да ја победат кандидатурата на Италија.

    Сега. сите погледни се насочени кон 2021 година кога се одржи следниот собир во швајцарскиот регион Делемонт.


    Читај повеќе