Речиси и да немаше улица во Италија каде не можеше да се забележи овој фамилијарен автомобил од 70тите години. Италијанската популарност брзо ја пренесе и во останатите земји како што се Шпанија и Португалија каде се произведуваше и продаваше под знакот на SEAT, во земјите од варшавскиот пакт каде се продаваше под знакот на Polski Fiat како и во Јужна Кореа каде се продаваше под знакот на Kia.
Приказната за оваа италијанска верзија на BMW Серија 5 започна во 1966 година, а нејзин креатор е Оскар Монтабоне, тогашен инжинер задолжен за развој. Монтабоне дел од инспирацијата ја добива од Fiat 5000 како и BMW серија 5, но на крајот, во 1966 година на семот во Торино успева премиерно да претстави автомобил кој подоцна ќе стане вистинска икона на 70тите години.
Fiat 124 ја дели основата со останатите модели на Fiat во овој период, особено Fiat 125, а во понудата италијанскиот производител нудел седан изведба, караван, купе и спајдер. Должината на овој автомобил изнесувал 4.045 mm, ширината 1.625 mm и висината 1.420 mm. Меѓуоскиното растојание изнесувало 2.420 mm и со вакви димензии овој автомобил бил вистински семеен автомобил и како таков за кратко станал и најпродаван во Европа, но и пошироко.
Под хаубата биле достапни шест различни мотори достапни во шест изведби и тоа:
- 1200 (1,197 cc) – 60 PS (44 kW; 59 hp) – 66 PS (49 kW; 65 hp) (1966–1974)
- 1400 (1,438 cc) – 70 PS (51 kW; 69 hp) – 75 PS (55 kW; 74 hp) (1968–1974)
- 1400 Special T (1,438 cc) Twin cam – 80 PS (59 kW; 79 hp) (1968–1972)
- 1600 Special T (1,592 cc) Twin cam – 95 PS (70 kW; 94 hp) (1973–1974)
- Abarth Rally (1,756 cc) Twin cam – 128 PS (94 kW; 126 hp) (1972–1973)
- 2000 (1,920 cc) Twin cam – 115 PS (85 kW; 113 hp) (1979)
Најпривлечен автомобил од сите изведби на 124 е spider изведбата која во 2016 година повторно оживеа и како таква Fiat веќе успешно го пласира овој модел во Европа и Северна Америка. Според официјалните информации, оваа изведба на Fiat во периодот од 1970 до 1985 година била продадена во 172.818 примероци.